Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри заем од три милиони евра на прилепската компанија Витаминка. Средствата ќе се користат за набавка на нова енергетски ефикасна опрема за производство и за модернизација на два производствени капацитета, јавува Миа.
Од ЕБОР сметаат дека заемот ќе ја зајакне конкурентноста на Витаминка на локалниот и на регионалните пазари, ќе ја зголеми ефикасноста во производството и значително ќе ги намали оперативните трошоци.
“Потпишувањето на новиот заем е материјализација на поддршката која ЕБОР ја дава на македонскиот реален сектор и покажува дека ние имаме доверба во компаниите од Македонија. Задоволство ни е што работиме со Витаминка и што промовираме одржливи деловни модели во земјата”, рече Холгер Муент, директор за Западен Балкан во ЕБОР.
Претседателот на Бордот на директори на Витаминка, Симон Наумоски истакна дека ЕБОР е сигурен партнер и се гордее со долгогодишната соработка.
“Настојуваме да го прошириме нашето работење и да ја зајакнеме нашата позиција на регионалниот пазар”, вели Симон Наумоски.
Витаминка извезува над 45% од своите производи, претежно во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Косово, Австралија, САД и други земји.