Триглав Осигурување со добивка од 4,4 милиони денари во првиот квартал

40

Триглав Осигурување АД Скопје, во периодот јануари – март оваа година, евидентираше нето добивка во висина од 4.410.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

“Нето приходите од премија за 2020 година изнесуваат 231.819.000 денари, што е намалување во однос на 2019 година за 8,2%, односно 20.813.000 денари. Гледано аналитички, причини за намалување се: пад на бруто премијата за 26.038.000 денари, што делуваше негативно на нето приходите од премијата; пад на премијата предадена во реосигурување и соосигурување за 812.000 денари што делуваше позитивно на нето премијата и промената во нето резервите за преносна премија, во споредба со 2019 година, влијаеше позитивно за 4.412.000 денари“, стои во Коментарот на неревидираните извештаи.

Приходи по основ на провизии од реосигурување, како што се наведува, се повисоки за 13.146.000 денари, односно за 184% во однос на 2019 година. Останатите приходи на осигурување остварени се во износ од 1.572.000 денари и бележат пад од 57%. Овој пад, како што се наведува во Коментарот, се должи на пониските приходи по основ на ликвидирани штети за останати осигурителни компании, како и поради пониските приходи за регресни побарувања од Гарантниот фонд.

Фото: Pixabay