Трка кој ќе произведе подобар тест за коронавирус

42

Повеќе фармацевтски и технолошки компании, како и здравствени институции истовремено развиваат нови тестови за коронавирус, коишто би требало да бидат побрзи, посигурни и поевтини за производство во однос на тие што веќе постојат.

Компанијата Abbott Laboratories од САД произведи брз тест којшто може да го детектира вирусот за 15 минути, пренесува CNN.

Од друга страна, еден ден претходно, германската технолошка компанија Bosh објави дека развила брз тест за коронавирус.

Според германскиот Институт Robert Koh, резултатите од тестовите за коронавирус во Германија се добиваат за четири до пет часа, а понекогаш и подолго, додека тестот на компанијата Bosh е автоматизиран, а резултатите ги утврдува за помалку од два и пол часа, со што се скратува времето за чекање за речиси 50% во однос на сегашните.

Тестот има прецизност поголема од 95% и ги задоволува стандардите на СЗО, тврдат од германската компанија. Според пишувањата на Bloomberg, тестот применува платформа на Bosh за молекуларна дијагностика Vivalytic, којашто веќе се употребува во болниците и лабораториите. Овој тест во Германија треба да биде достапен во април, но притоа ќе биде дистрибуиран и на меѓународните пазари, а ќе биде наменет за употреба во болниците, клиниките, ординациите и другите здравствени институции.

Прв тест што го објави СЗО

Првиот тест којшто го објави СЗО беше тестот на компанијата за биотехнологија TIB Molbiol од Берлин, која го дизајнираше на деветти јануари користејќи го вирусот САРС, но и другите познати коронавируси како референца. Компанијата во соработка со научниците од локалната универзитетска болница изработи три комплети за тестирање. СЗО т.н. “TIB – ов протокол“ го објави на својата веб страна на 17 јануари.

Администрацијата за храна и лекови во САД, одобри итна употреба на тест кој ги користи системите на швајцарската фармацевтска компанија Rosh, при што еден може да реализира 4.128 тестови на ден, а другиот 1.440.

Покрај ваквите тестови, вирологот Флоријан Крамер од медицинското училиште Ikan при болницата Mount Sinai во Њујорк, заедно со своите колеги разви тест на антитела кои телото ги создава против коронавирусот.

Крамер јавно го објави протоколот за тестирање, а според него, процедурата е доволно едноставна, така што на лабораториите ќе им овозможи тестирање на неколку илјади луѓе дневно. Исто така, тој верува дека многу брзо ќе бидат дадени одговори на прашања поврзани со имунитетот на коронавирус како резултат на сè поголемата достапност на комерцијалните тестови.

Фото: Pixabay