
Лидерите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Групацијата на Светска банка (СБ) и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) предупредија дека војната на Блискиот Исток има силно и нееднакво влијание врз глобалната економија, особено погодувајќи ги земјите што зависат од увоз на енергија.
Заедничката изјава беше објавена по состанокот во Вашингтон, одржан во рамките на координативната група формирана на почетокот на април, со цел усогласување на одговорот на енергетските и економските последици од конфликтот во регионот.
Трите институции истакнуваат дека шокот предизвикан од војната довел до зголемување на цените на нафтата, гасот и ѓубривата, што дополнително ги зголемува загриженостите за безбедноста на снабдувањето со храна и стабилноста на пазарот на трудот, особено во посиромашните земји.
Земјите што увезуваат енергија се особено погодени, додека некои извозници на нафта и гас од Блискиот Исток претрпеа значителни загуби во приходите од извоз поради нарушувања на пазарот, се додава во соопштението.
„Ситуацијата останува многу неизвесна, а сообраќајот на бродови низ Ормутскиот теснец сè уште не се вратил во нормала. Дури и по враќањето на редовниот сообраќај на бродови низ теснецот, ќе биде потребно време глобалните залихи на клучни стоки да се вратат на нивоата пред конфликтот, а цените на горивото и ѓубривата може да останат високи подолг период со оглед на штетата на инфраструктурата. Поради прекините во снабдувањето, недостигот на клучни инпути веројатно ќе има импликации за енергетската, прехранбената и другите индустрии“, предупредија организациите.
Војната, исто така, доведе до раселување на населението, губење на работни места и пад на туризмот, дополнително забавувајќи го економското закрепнување и зголемувајќи го притисокот врз националните буџети, се наведува во соопштението.
Институциите ги разменија најновите проценки пред објавувањето на Светските економски перспективи на ММФ и Месечниот извештај за нафта на ИЕА, кој ќе обезбеди подетален преглед на последиците од конфликтот врз енергетските пазари и глобалниот раст.
Посебно внимание беше посветено на земјите најпогодени од кризата, нагласувајќи ја потребата од прилагодени економски политики и финансиска поддршка, каде што е потребно, според веб-страницата на Фондот.
ММФ и Светската банка објавија дека, во соработка со партнерите, ќе продолжат да ја следат ситуацијата и да ги координираат мерките за поддршка, со цел ублажување на последиците од кризата и создавање основа за стабилно и одржливо економско закрепнување.











