Трошоците на живот повисоки за 0,1%, цените на мало со пад од 0,5%

25

Трошоците на живот во октомври оваа година, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,1%, додека кај цените на мало има пад од 0,5%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Пораст на индексите на трошоците на животот во октомври 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај цигарите за 5,2%, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 4,2%, маслото и маснотиите за 3,7%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,9% и виното за 0,2%.

Во октомври, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај обувките за 2%, накитот, часовниците и рачните часовници за 1,6%, парамедицинските услуги, градините, растенијата и цвеќињата за 1,5%, гасот за домаќинствата, цврстите горива за 1,4%, одржувањето и поправките на сопствените превозни средства, информатичката опрема за обработка на податоци за 1,1%, игрите, играчките и хобијата, услугите за култура за 0,3%.

Намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 4,7%, рибата и морските плодови за 0,7%, прехранбените производи, неспомнати на друго место за 0,5%, месото за 0,4% и пивото за 0,2%.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 8,4%, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 3%, течните горива за домаќинствата за 0,8%, малите електрични апарати за домаќинствата, моторните возила за 0,6%, книгите за 0,4%, текстилот за домаќинството, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,3%, мебелот и покуќнината, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства, другите услуги за опрема за сопствен превоз, медиумите за снимање, домашните миленици и сродните производи за 0,2%.

Индексот на трошоците на животот во октомври 2020 година, во однос на октомври 2019 година, бележи зголемување од 2,1%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 1%.

Фото: Freepik