Трошоците на живот повисоки за 0,2% во октомври

14

Трошоците на живот во октомври, во однос на претходниот месец, бележат зголемување од 0,2%, додека цените на мало се намалени за 0,1%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Порастот на трошоците на животот од 0,2% во октомври 2014 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на свежиот зеленчук за 5,8%, мармаладите за 1,4%, конзервираниот зеленчук за 0,9%, мастите за 0,7%, лебот и житариците, полутрајните колбасичарски производи и чоколадните производи за 0,5%, преработките од компир за 0,4%, преработките од млеко и другите млечни производи за 0,2%.

Исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај цврстите горива за 2,6%, обувките за 2,4%, снабдувањето со вода, смет и други услуги во врска со станот за 2,2%, облеката за 1,2%, информатичката опрема за 0,7%, средствата за чистење и одржување на станот и други услуги неспомнати на друго место за 0,6%, средствата и услугите за лична хигиена за 0,4%, текстилот за домаќинствата за 0,3%, лековите, други средства за рекреација, цвеќиња и миленици и лични предмети неспомнати на друго место за 0,2%.

Намалување на трошоците на животот во октомври 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото овошје за 7,2%, шеќерот за 1,5%, други неспомнати производи за 0,7%, конзервираните месни производи за 0,6%, сувомеснатите производи за 0,5%, свежото млеко за 0,4%, киселото млеко, конзервираното овошје и алкохолните пијалаци за 0,3% и месото за 0,2%.

Во октомври, исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 7,7%, течните горива за домаќинствата за 2,6%, течните горива и мазива за 1,6%, гасот за домаќинствата за 0,9%, услугите за култура за 0,4% и апаратите за домаќинствата за 0,2%.

Трошоците на животот во октомври 2014 година, во споредба со октомври 2013 година, бележи намалување од 0,4%, а кај цените на мало има намалување од 1,6%.