Трошоците на живот во јуни на исто ниво како претходниот месец

23

Трошоците на живот во јуни оваа година, во однос на претходниот месец останаа на исто ниво, додека кај цените на мало има намалување од 0,3%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Трошоците на животот во јуни 2015 година, во споредба со јуни 2014 година, бележи пораст од
0,5%, а цените на мало бележат намалување од 0,6%.

Трошоците на животот во јуни 2015 година е на исто ниво како и претходниот месец, но е забележано движење во подгрупите. Пораст е забележан кај свежото овошје за 18,5%, сувото овошје за 4%, маслото и маснотиите за 3,1%, другите прехранбени производи за 1,3%, јајцата за 1%, рибата, конзервираната риба и алкохолните пијалаци за 0,2%.

Исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај болничките услуги за 6,2%, услугите за сместување за 4,3%, информатичката опрема за 1,9%, течните горива за домаќинствата за 0,4% и електричните апарати – големи за 0,3%.

Намалување на трошоците на животот во јуни 2015 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот зеленчук за 8,6%, конзервираните месни производи за 0,7%, полутрајните колбасичарски производи за 0,6%, трајните колбасичарски производи за 0,5% и месото за 0,2%.

Во јуни, исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 7,4%, гасот за домаќинствата за 4,2%, цврстите горива за 1,2%, обувките за 0,6%, средствата за лична хигиена за 0,4%, мебелот и течните горива и мазива за 0,2%.