Труење со храна – како да се заштитите и што треба да знаете?

182

Храната претставува извор на енергија што ни помага да ги надминеме предизвиците со коишто се соочуваме секојдневно. Организацијата за заштита на потрошувачи изработи брошура под името Труења со храна и како треба да се постапи, според која ова се мерките на претпазливост и заштита на потрошувачите од микробиолошки и хемиски причинители на труењата:

Одржување на чистота

Редовно миење на рацете, особено пред контакт со храна и додека се подготвува, како и по одење во тоалет.

Одделување на суровата од подготвената храна

Свежото месо, живината и морската храна треба да се одделат од другата храна. Исто така, храната треба да се чува во фрижидер за да се избегне контакт помеѓу неподготвената и подготвената храна. Прехранбените производи коишто се користат во свежа состојба во исхраната (овошје, зеленчук) неопходно е темелно да се измијат со чиста вода, а во некои случаи за да се минимизира ризикот од остатоци на пестициди на земјоделските производи (најчесто јагоди, спанаќ, јаболка, грозје, праски, цреши, круши, домати, компири) се препорачува да се потопат во вода најмалку 20 минути, а потоа повторно добро да се исплакнат со вода. Слично, отстојување во вода и темелно миење е неопходно за спанаќот и зелените салати бидејќи во нив е утврдено зголемено ниво на нитрати.

Добра термичка обработка на храна

Ова е особено важно за месото, живината, јајцата и морската храна. Варењето на храната на 70 степени може да помогне во обезбедување на храна што е безбедна за консумирање. Бакарните садови се погодни за готвење бидејќи бакарот добро спроведува топлина, но не се препорачуваат за подготовка на кисела храна (на пр., доматен сос). Доколку овие садови се користат за подготовка на храната, најдобро е да бидат обложени со не`рѓосувачки челик.

Чување на храната на безбедни температури

Подготвената храна не треба да се остава на собна температура повеќе од два часа и пожелно е да се стави во фрижидер веднаш по користењето (пожелно на температура под пет целзиусови степени). Пред користењето, најдобро е подготвената храна да се загрее (над 60 целзиусови степени). Храната не треба да се чува предолго време, дури ни во фрижидер. Замрзнатата храна не треба да се одмрзнува на собна температура. Со чување на храната под пет и над 60 целзиусови степени, растењето на микроорганизмите е забавено или запрено. Некои опасни микроорганизми сепак успеваат да преживеат и под пет целзиусови степени.

Да се користи безбедна вода и свежи продукти

Водата што се користи за подготовка на храна треба да е безбедна или да биде третирана за да стане безбедна. Најдобро е да се одбира храна со проверена безбедност, како, на пример, пастеризирано млеко. Овошјето и зеленчукот треба добро да се измијат, особено ако се јадат свежи. Храната не треба да се користи по истекување на рокот за употреба. Свежите продукти, вклучително водата и мразот, може да бидат контаминирани со опасни микроорганизми и хемикалии. Отровните хемикалии може да се создадат во оштетена или застарена храна. Особено внимание при изборот на свежи продукти и спроведување на едноставни мерки за приготвување и чување на храната, може да го намали ризикот од појава на заболување или труење со храна.

Фото: Pexels