Царовска: Сетот здравствени и економски мерки даваат резултати

20

Заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, во емисијата “Програма 200“ на Алсат телевизија, зборуваше за олабавување на мерките, поткревањето на јавната свест на граѓаните за заштита од Ковид-19 како и за следењето на здравствената, но и економската состојба во државата на дневно ниво и преземањето на соодветни мерки од страна на Владата за справување со последиците од коронавирусот.

“Економската криза не е тајна, таа се случува во светот, се случува и кај нас, но може да оцениме дека меѓународните финансиски институции, па и домашните институции се позитивни во проекциите, што укажува дека падот на приходите е помал од она најдрастично сценарио и дека БДП, сепак најмалку ќе падне во нашата држава во споредба со земјите во регионот и тоа го проектираше и Светската банка. Тоа покажува дека оние мерки коишто се димензионирани и во делот на здравствен протокол на заштита, но и во економска поддршка даваат резултати. Ние навистина производството не го застанавме во ниту еден момент и тоа е така, дека увозот и извозот продолжи со намален интензитет, но продолжи. Значи дека целосно затворање никогаш не направивме, а сепак здравствената криза не достигна одредена драматична бројка“, рече Царовска во синоќешното интервју за „Програма 200“ на Алсат телевизија.

Вицепремиерката Царовска ги повика граѓаните, работниците и компаниите да ги почитуваат препораките и мерките за заштита, посочувајќи дека само така можеме да го сочуваме јавното здравје, да се заштитиме себе си и најблиските од ширењето на заразната болест.