ЦЕЕД Македонија веќе осма година игра важна улога во создавањето на успешни бизнис приказни, а ЦЕЕД Бизнис клубот е најдоброто место за вашиот личен и деловен развој. Во средата, во хотел Александра Палас, ЦЕЕД Македонија го одржа седмиот промотивен настан, на кој на едно место ги собра претприемачите од Македонија кои сакаат да растат.
“Фокусот на нашиот бизнис клуб е размена на искуства, размена на грешки, на научени лекции, запознавање на нови компании, ширење на можностите за правење бизнис, запознавање на нови клиенти, а сржта, секако е едукацијата”, вели д-р Јован Маџовски, регионален директор на ЦЕЕД за Македонија, Албанија, БиХ, Молдавија и Србија.
Минатата година ЦЕЕД ги презентираше четирите круга: ЦЕЕД КЛУБ, ЦЕЕД ФОНДАЦИЈА, ЦЕЕД ЕДУ И БИЗНИС ИНФО, а оваа година гордо ги претстави новите четири: ГЛОБАЛЕН ЦЕЕД КЛУБ, IN COMPANY EXECUTIVE DEVELOPMENT PROGRAM, ЦЕЕД КЛУБ НА БИЗНИС АНГЕЛИ, ЦЕЕД ПАРТНЕРИ.
Гледано низ бројки, ЦЕЕД Бизнис клубот изгледа вака:
- 30 различни специјализирани менаџерски тренинг програми
- 160 клупски средби за генерацијата 2014-2015, а тоа е 0,65 настани дневно или повеќе од еден настан на секои два дена
- 490 сертификати, благодарници и признанија што се доделија на 14 октомври 2015 година
“Без скромност можам да кажам дека со ова ЦЕЕД е далеку најобемната бизнис програма во рамки на било кој бизнис клуб во Македонија, и не само Македонија. Можам да кажам дека веќе го поставивме критериумот и за клубови надвор од Македонија. Оваа бројка особено ни годи и нè мотивира да продолжиме со полни едра и понатаму. И ова не е нешто што го најавуваме, туку го реализираме и веќе е во тек!”, вели Маџовски.
ЦЕЕД Македонија е дел од интернационална мрежа на центри за претприемништво, со канцеларии во 13 земји. До сега, преку програмите на Центарот успешно поминале 1.252 претприемачи и менаџери. Повеќе на www.ceed-macedonia.org.