Цената на етерот надмина 4.600 долари и продолжува да расте

93

Цената на етерот, втората по големина криптовалута по пазарна капитализација, го достигна врвот во средата. Го фаќа чекорот со биткоин, искористувајќи ги вестите за поширокото усвојување на блокчејн технологијата, пренесе Ројтерс.

Етерот, поддржан од блокчејн мрежата на Етереум, достигна цена од 4.643 долари за време на азиската трговија, при што растот за една недела достигна 10%. Подоцна, монетата благо попушти и во 10:30 часот по македонско време се разменуваше за 4611,35 долари, што е зголемување од близу 5,6% во изминатите 24 часа, според CoinDesk.

Во деновите откако цената на биткоинот го достигна својот рекорд од 67 илјади долари на 20 октомври, монетите од главниот слој на блокчејн мрежите, познат како Слој 1, добија замав.

Биткоинот, пак, во средата се тргуваше по цена од 63.284,58 долари, што е зголемување од 2,5% за 24 часа, но за годинава растот е 117%. Сепак, дури и ова не може да се мери со 6-кратно зголемување на цената на етерот.

„Откако пазарот се сврте кон крајот на септември, моќта на етерот се движи во дует со биткоинот и другите водечки криптовалути“, рече Рајан Рабилија, управен директор на платформата за дигитални средства на OSL.

Вестите за усвојувањето криптовалути од страна на банките, проширувањето на NFT платформите за виртуелни игри, лансирањето на првиот американски фонд со кој се тргува преку размена на фјучерси на биткоин и потребата инвеститорите да го диверзифицираат портфолиото, ги зголемија цените на број на токени, вклучувајќи го и биткоинот во октомври.

Исто така, расте интересот за помали монети бидејќи Фејсбук се ребрендира во Мета за да се фокусира на изградба на метаверзум.

Најголемата австралиска банка, „Комонвелт“, во средата објави дека ќе биде прва во земјата што ќе понуди крипто услуги на клиентите на мало.

Според „CryptoCompare“, средствата под управување со дигитални инвестициски производи се зголемија за 45,5% во октомври до рекордни 74,7 милијарди долари. Вкупните средства под управување за производи базирани на биткоин се зголемија за 52,2% до 55,2 милијарди долари, а оние на етер за 30% до 15,9 милијарди долари – рекорди за двете категории.