
Цените на маслиновото масло се искачија на нови рекорди, бидејќи огромните суши во големите земји производители ги намалија залихите на производот.
Дополнително, имаше зголемени кражби, особено во Шпанија, што влијаеше на поскапувањето.
Глобалните цени на маслиновото масло, всушност, се зголемија на 8.900 долари за тон во септември, поттикнати од „екстремно сувото време“ во Медитеранот, се вели во неодамнешниот извештај на Министерството за земјоделство на Соединетите држави.
Веќе во август, просечната цена беше 130% повисока од претходната година и не покажа „никакви знаци на намалување“, соопшти USDA, како што објави CNBC.
Шпанија, најголемиот светски производител и извозник на маслиново масло, со месеци е погодена од интензивна суша. Земјата, исто така го забележа третото најтопло лето досега, со просечна летна температура 1,3 °C над нормалата, според државната метеоролошка агенција АЕМЕТ.
Производството на маслиново масло во Шпанија падна на околу 610.000 тони минатата сезона – пад од повеќе од 50% во споредба со вообичаените 1,3 до 1,5 милиони тони, според фирмата за разузнавање на пазарот на стоки Минтек.
Дополнително на сложеноста на ситуацијата е загриженоста поради намаленото производство во другите големи европски земји производители на маслиново масло, вклучително Италија и Грција, каде што преовладуваат услови за суша, изјави Минтек за CNBC.
Имено, Грција и Италија се вториот и третиот по големина производител на маслиново масло, според Меѓународниот совет за маслинки, меѓувладина организација составена од членки кои сочинуваат повеќе од 98 отсто од светското производство на маслинки.
Цените на маслиновото масло во Андалузија, Шпанија, се зголемија на 8,45 евра за килограм во септември, според Минтек. Тоа ја означува „највисоката цена досега забележана за шпанското маслиново масло“, врз основа на податоците на компанијата од 20 до 30 години, и претставува скок од 111% во однос на претходната година.