Цената на нафтата порасна трета недела по ред

14

На светските пазари цената на нафтата порасна и минатата недела, трет пат по ред, затоа што трговците беа загрижени поради нарушување на понудата, а цените беа поддржани од слабеењето на доларот.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 1,8 отсто, на 79,87 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 2,1 отсто, на 75,42 долари.

Поскапувањето најмногу е последица на нарушување на понудата. Имено, во Либија минатата недела беа затворени неколку нафтени полиња поради политички протести. Шел, пак, го прекина товарењето на нигериската сурова нафта поради можно оштетување на терминалот.

Снабдувањето од Либија се проценува дека е намалено за приближно 370.000 барели дневно и од Нигерија за 225.000 барели дневно, според аналитичарот на PVM Џон Еванс.

Извозот на руска нафта, исто така, значително се намали и ако овој тренд продолжи следната недела, цените веројатно повторно ќе пораснат, особено ако се земе предвид дека Москва официјално планира да го намали извозот во август за 500.000 барели дневно, пишуваат аналитичарите на Комерцбанк во преглед на ситуацијата на маркетот.

Остар пад на вредноста на доларот
На цената на нафтата влијаеше и остриот пад на вредноста на доларот во однос на кошничката валути, на најниско ниво во последните 15 месеци. Тоа, имено, ја поевтинува нафтата за купувачите во други валути, па во вакви случаи се зголемува побарувачката за „црното злато“.

Од друга страна, трговците се загрижени поради забавувањето на растот на западните економии, бидејќи централните банки продолжуваат да ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација.

Покрај тоа, кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не закрепнува толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки за ковид.

Сепак, трговците се надеваат дека поради намалувањето на инфлаторните притисоци во САД завршува циклусот на зголемување на каматните стапки, што треба да доведе до стабилизирање на економскиот раст.

„Светлината на крајот од тунелот на построга (американска) монетарна политика е сè повидлива и инвеститорите се сè посигурни дека ФЕД ќе го затвори циклусот откако ќе ги зголеми каматните стапки уште еднаш за две недели“, вели високиот аналитичар на OANDA, Крег Ерлам.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) и Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) прогнозираат дека побарувачката ќе се зајакне во втората половина од годината, особено во Кина.

И покрај растот на цената на нафтата три недели по ред, тие сè уште се во минус во однос на почетокот на годината, за приближно 6 отсто.