Цената на нафтата се искачи на 92 долари

84

Цените на нафтата се зголемија на меѓународните пазари во вторник до 92 долари, поттикнати од оптимистичките прогнози на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) за економскиот раст и побарувачката оваа и следната година.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше повисока за 1,16 долари од вчерашното затворање и изнесуваше 91,80 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 1,35 долари поскапо, по 88,64 долари.

И утрово нафтата Брент се тргува по цена од 92,34 долари за барел, а американската WTI за 89,16 долари за барел.

Расположението на пазарот беше одбележано и на почетокот на неделата со најавата на Саудиска Арабија и Русија дека ќе ја намалат понудата до крајот на годината за вкупно 1,3 милиони барели дневно, покрај одлуката на ОПЕК која предвидува помалку барели на пазарот до крајот на следната година.