Цените на храната највисоки во последните шест години

25

Големите извозници на храна во светски рамки, Аргентина и Русија, се соочени со силен раст на цените, па носителите на политики посегнуваат по мерки со коишто треба да го запрат тој тренд.

Владата на Аргентина ги обвини земјоделците дека се главни поттикнувачи на растот на инфлацијата во земјата, којашто во декември беше 4% поголема одошто во ноември. За да се запре поскапување на храна, планирала да ја зголеми царината на извоз на земјоделски производи, но земјоделците сепак успеале да ги уверат дека проблемот не е во нив, туку во синџирот на дистрибуција.

Аргентина важи за најголем извозник на масло од соја и сточна храна од соја во светот, а е меѓу водечките и во извоз на пченица и пченка.

Русија е, исто така, еден од најголемите извозници на житарки во светот, а земјата најави дека од средината на месецот ќе го ограничи извозот со цел да не дозволи поскапување на храната.

Податоците на Организацијата на обединетите нации покажуваат дека цените на храната на глобално ниво од јули до крајот на минатата година пораснаа за 18%, достигнувајќи највисоко ниво во последните шест години. До силен раст на цените на суровините, од житарки до масло од палма, доаѓа поради повеќе фактори, како што се лошите временски услови, сушите во Јужна Америка, како и зголемената побарувачка, особено во Кина.

Обединетите нации проценуваат дека глобалните цени на храната ќе продолжат да растат и оваа година, што претставуваат лоши вести за домаќинствата коишто и така се зафатени од кризата што ја предизвика пандемијата.

Фото: Freepik