
Цените на храната паднаа и во јуни, паѓајќи на најниско ниво во повеќе од две години под притисок на поевтиниот шеќер, растителни масла и житарки, објави Агенцијата на ОН за храна и земјоделство, ФАО. Индексот на цените на ФАО на кошницата основни прехранбени производи падна во јуни за 1,4 отсто во однос на ревидираната вредност во мај и во просек изнесуваше 122,3 поени, што е негова најниска вредност од април 2021 година.
Тоа значи и дека тој бил за 23,4 отсто помал од рекордниот март 2022 година, на почетокот на руско-украинската војна. Најмногу паднала цената на шеќерот во јуни, за 3,2 отсто во однос на мај, што ФАО го објаснува со добрите првични резултати од жетвата на шеќерна трска во Бразил и слабата побарувачка за увоз. Значително паднаа и цените на растителните масла и житариците, за 2,4 односно 2,1 отсто во однос на мај, утврди агенцијата на ОН.
Цените на растителното масло паднаа на најниско ниво од ноември 2020 година, бидејќи поевтините палми и сончогледово масло ги надминаа повисоките цени на маслото од соја и канола. Падот на цените на житото се одразува на поевтините цени на повеќето производи, вклучувајќи ги пченицата, оризот, пченката, јачменот и соргото.
Индексот на млечните производи бележи пад на цената од 0,8 отсто во однос на мај, а индексот на месото покажува нивна стагнација.











