Цените на нафтата паднаа за околу 12 отсто во првата половина од годината

48

Цените на нафтата пораснаа на светскиот пазар минатата недела, но во текот на првата половина од годината паднаа за приближно 12 отсто поради натамошното зголемување на каматните стапки како резултат на високата инфлација.
Цената на барел нафта на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 1,4 отсто и достигна 74,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 2,1 отсто, на 70,64 долари.

Сепак, тие зголемувања само го ублажија падот на квартално и полугодишно ниво. Во првите шест месеци од годинава цената на барел нафта на лондонскиот пазар падна за 12,8 отсто, а на американскиот пазар за 12 отсто.

Ова е резултат на забавувањето на економскиот раст на западните земји, бидејќи централните банки повеќе од една година ги зголемуваат каматните стапки поради високата инфлација.

Со забавувањето на економскиот раст се намалува и побарувачката. Исто така, кинеската економија, која е најголемиот увозник на нафта во светот, не закрепнува од кризата со корона толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки поврзани со Ковид-19.

За поддршка на цените, Саудиска Арабија најави намалување на производството за дополнителни милиони барели дневно во јули. ОПЕК и неговите сојузници, исто така, го продолжија договорот за намалување на производството до крајот на годината.

Сепак, монетарните власти на западните земји, вклучувајќи ги Федералните резерви на САД и Европската централна банка, најавуваат натамошни зголемувања на каматните стапки за да се ограничи инфлацијата, што дополнително ќе го забави економскиот раст.