
Цените на нафтата се зголемија во четвртокот, бидејќи пазарите се фокусираа на перспективата за одржливо намалување на понудата до крајот на оваа година. Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во средата прогнозираше „значаен пазарен дефицит“ за сурова нафта во последните три месеци од тековната година.
Референтната сурова нафта „брент“ поскапе за повеќе од еден процент до 93 долари за барел во четвртокот. Во исто време, цената на американската сурова нафта WTI порасна на повеќе од 89,50 долари за барел, покажуваат податоците на специјализираниот портал за следење на енергетскиот пазар OilPrice. Тоа е скоро десетмесечен максимум.
И утрово цените бележат раст, па така Брент се тргува по цена од 94,31 долари за барел, а WTI за 90, 82 долари за барел.
ИЕА соопшти дека побарувачката на нафта ќе ја надмине понудата за повеќе од 1,2 милиони барели дневно во втората половина на 2023 година, поради намалувањето на производството во Саудиска Арабија и Русија, што ќе изврши значителен притисок врз цените, пишува Financial Times.
Цените на нафтата неодамна започнаа со силен пораст откако земјите од ОПЕК + најавија продолжување на намалувањата на производството на нафта до крајот на тековната година. Експертите веруваат дека растот на цените ќе продолжи, а аналитичарите на Goldman Sachs очекуваат цените да се зголемат на повеќе од 100 долари за барел.
Брзиот економски раст во Индија и најновите податоци од Кина кои сугерираат дека земјата се обидува да ја надмине лошата фаза во нејзината економија може да даде дополнителен поттик за цените на нафтата.