Центар за квалитет во ССК: Олеснување на пристапот до меѓународните стандарди за подобрување на конкурентноста

6

Сертификацијата и меѓународните стандарди, имплементација и воведување се со цел подобрување на конкурентноста и подигнување на техничко-технолошкото ниво на домашните компании ќе биде приоритетна цел на новиот Центар за квалитет кој стартува со работа во рамките на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Воведување на строго контролираните услови и правила за одвивање на работните процеси во деловните субјекти е главен предуслов за обезбедување високо квалитетен производ кој ќе придонесе за стабилен раст и развој на бизнисот.

„Подолго време се наоѓаме во отежнати услови на деловно работење поради кризата во која се наоѓаме. Но во такви услови најважно за опстанок и раст на бизнисите е да се бараат нови можности за пласман на производите и услугите кои се нудат. Примената на меѓународните стандарди како доказ за квалитет значително го олеснуваат пристапот до нови меѓународни партнерства и пазари, поради што и го формираме овој Центар за квалитет како поддршка за бизнисите”, истакна Михајло Евросимовски, член на Управниот Одбор на Сојузот.

Центарот за квалитет се позиционира кон тоа да биде национален лидер во обезбедувањето широк опсег на услуги за обезбедување на практичен know-how согласно потребите на претпријатијата.

„Центарот за квалитет ќе функционира со цел подобрување  на функционирањето на менаџмент системите, како и верифициран квалитет на производите и услугите кој ги нудат членките на Сојузот на стопански комори. Центарот за квалитет ќе обезбеди целокупна поддршка низ процесот преку избор на соодветни стандарди, изработка на документација согласно барањата на истите по најповолни услови за членките на Сојузот на стопански комори, бесплатни обуки за одржување на системите, како и помош при избор на акредитирано сертификационо тело. Дополнително, Центарот за квалитет ќе обезбеди насоки за успешно усогласување на компаниите со Зелената Агенда на ЕУ “, истакна Марко Ацевски, Директорот на Центарот за квалитет.

Центарот ќе биде насочен и кон заеднички настап пред надлежни државни органи, меѓународни институции и други интересни страни со цел промоција на квалитет и заштита на животната средина.

Во насока на проширување на услугите кои ги нуди за поддршка на своите членови Сојузот на стопански комори од 2019 година издава Сертификат за потекло по електронски пат, кој е меѓународен трговски документ, кој се користи за да се одреди потеклото на стоките за службени, комерцијални и финансиски потреби при извоз.