Цирих, Женева и Њујорк најскапи градови во светот

28

cirih

Швајцарските градови Цирих и Женева се најдоа на врвот на листата најскапи градови во светот, пред Њујорк, според анализата на швајцарската финансиска групација UBS Group AG, пишува Блумберг.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека на едно тричлено семејство во Цирих му се потребни преку 3.600 долари месечно за живот, базирајќи се на потрошувачка кошничка од 122 производи и услуги, во која не влегуваат трошоците за изнајмување на стан. Според истите пресметки, Женева е на второ место со потребни 3.500 долари месечно, а Њујорк е на трето место со 3.340 долари месечно.

Кога ќе се вклучат и трошоците за изнајмување на стан, американските градови избиваат на прво место, затоа што во просек цената на двособен ненаместен стан изнесува 4.320 долари месечно, во споредба со 2.390 долари во Цирих.

Од друга страна, трошоците за живот се најниски во Киев, каде за едно семејство се потребни 1.273 долари месечно, а цената за изнајмување на стан е околу 540 долари.

Високите цени значат дека градовите во Швајцарија се меѓу најскапите за посета. Според UBS, во Женева, Цирих, заедно со Њујорк и Токио, една ноќ чини најмалку 1.000 долари за две лица, со исклучок на превозот. Тоа е скоро четири пати повеќе од цената за посета на Букурешт.