Црна Гора: Германците минатата година вложиле најмногу пари во недвижнини

43

Германските граѓани и компании лани вложиле најмногу пари од сите странци за купување недвижен имот во Црна Гора.
Некои продаваат имот и во Германија со цел да започнат туристички бизнис во Црна Гора, објави Дојче веле.

Петчленото семејство Оберендер од Кобург во германската сојузна покраина Баварија првпат ја посети Црна Гора во јуни минатата година.

Само два месеци подоцна купиле куќа во крајбрежната населба Утјеха кај Бар. На кратко се вратија во Германија, за од ноември трајно да ја заменат со Црна Гора.

– Прашавме пријатели за неколку земји, Бугарија, Унгарија, дури и Мексико. Како деца неколку пати бевме на одмор во Југославија, во Дубровник. Одамна ни се допаѓа менталитетот на луѓето овде, особено кога велат: Вие работите во Германија, а ние живееме во Црна Гора – велат за Дојче веле Ања и Ралф Оберендер.

И двајцата се информатичари, а Ралф е електро инженер. Ќерките Хана и Ела веќе се запишаа во основно училиште во Улцињ и го учат црногорскиот јазик, а по нивните стапки наскоро ќе тргне и помалиот брат Макс.

Го ставија својот дом во Германија на продажба и чекаат купувач. Оберендерите се само едно од германските семејства кои се преселиле во Црна Гора во последната година.

Според црногорското Министерство за внатрешни работи, повеќе од 700 германски државјани во моментов живеат во Црна Гора, која има околу 600.000 жители.

Фактот дека минатата година германските граѓани и компании вложиле најмногу пари од сите странци во купување недвижен имот во Црна Гора, покажува дека интересот на Германците за доаѓање е зголемен.

Странски граѓани и компании купиле недвижен имот во вредност од 370 милиони евра во првите 10 месеци од 2022 година, покажуваат податоците на Централната банка на Црна Гора.

На прво место се Германците со 57 милиони евра, а потоа следат досега неприкосновените Руси со 50 милиони, пренесува Танјуг.