ТТК Банка оствари добивка од 65,5 милиони денари за девет месеци

62

ТТК Банка прикажа добивка од 65.520.000 денари, стои во билансот на успех за периодот јануари – септември оваа година, објавен на Македонска берза.

Во период од јануари до септември лани добивката на банката беше на ниво од 91.422.000 денари.

“Финансискиот резултат за периодот јануари – септември 2020 година изнесува 65,5 милиони денари, што е за 25,9 милиони денари или 28,3% понизок во однос на истиот период минатата година, како резултат, во најголем дел, од пониската капитална добивка од продажба на преземeни средства како и од падот на пазарната цена на портфолиото за тргување во изминатиов период. Во споредба со Финансискиот план за 2020 година, кој е во согласност со првичните согледувања за последиците што ќе ги предизвика светската пандемија предизвикана од вирусот COVID-19, остварениот финансиски резултат го надминува очекуваниот резултат за 45,8 милиони денари“, стои во Коментарот за остварените финансиски резултати.

Остварените нето приходи од камати во периодот од 1.1.2020 до 30.9.2020 година изнесуваат 202,2 милиони денари и, како што се наведува, бележат пораст од 1,5% во однос на истиот период минатата година, што главно произлегува од секторот домаќинства.

Нето приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 98,9 милиони денари и, како што стои во Коментарот, се пониски за 3,3% во однос на минатата година, главно како резултат на намалена економска активност на клиентите во услови на криза (намалени приходи од платен промет во земјата и странство, провизии за кредитирање и брокерско работење). Нето приходите од провизии и надоместоци за услуги ги надминуваат планираните за овој период за 6,6%.

Фото: Facebook