ТТК Банка понуди корпоративни обврзници со фиксна каматна стапка од 4,75% годишно

Инвеститорите имаат можност да запишат корпоративни обврзници од четвртата емисија на ТТК Банка АД Скопје, кои носат фиксна каматна стапка од 4,75% годишно и имаат рок на достасување од шест години.

Јавната понуда опфаќа 1.500 корпоративни обврзници, секоја со номинална и продажна вредност од 1.000 евра, во денарска противвредност пресметана според средниот курс на Народната банка на денот на уплатата. Преку емисијата, ТТК Банка планира да обезбеди 1,5 милиони евра нови средства од домашниот пазар на капитал.

Запишувањето на обврзниците започна на 12 август, а крајниот рок за доставување налози е 12 ноември. Продажбата се врши по моделот „фиксна цена, со приоритет на налозите според времето на нивното внесување во БЕСТ-системот“.

Обврзниците се долгорочни должнички хартии од вредност кои обезбедуваат однапред утврден и стабилен принос во текот на целиот период до нивното достасување. Со оглед на фиксната годишна каматна стапка, тие претставуваат можност за инвеститорите кои настојуваат да го диверзифицираат своето портфолио и да остварат предвидлив приход од вложувањето.

Средствата обезбедени преку новата емисија ќе бидат насочени кон зајакнување на капиталната позиција и вкупниот финансиски потенцијал на ТТК Банка. На овој начин ќе се создадат дополнителни услови за реализација на деловните цели утврдени во Деловната политика и Развојниот план на Банката за периодот 2026–2028 година, како и за поддршка на натамошниот кредитен раст.

Проспектот за издавање на обврзниците, ревидираните финансиски извештаи на Банката за 2023, 2024 и 2025 година, неревидираните финансиски извештаи за првиот квартал од 2026 година, како и Деловната политика и Развојниот план на ТТК Банка се достапни на интернет- страницата.

Со четвртата емисија на корпоративни обврзници, ТТК Банка ја продолжува практиката на користење на домашниот пазар на капитал како дополнителен извор на средства. и диверзификација на изворите на финансирање.