ТТК Банка со добивка од 108,3 милиони денари ја заврши 2019-та година

29

ТТК Банка минатата година ја заврши со добивка во висина од 108.369.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во 2018-та година, добивката на банката беше на ниво од 101.276.000 денари.

“Финансискиот резултат за периодот јануари – декември 2019 година е позитивен и изнесува 108,4 милиони денари. Применувајќи го одржливиот, ефикасен и компетитивен деловен модел во услови на силна конкуренција и динамичен пазар, Банката оствари раст на нето добивката од 7% со што ја потврди својата успешност и ја заврши годината со најдобар финансиски резултат досега“, стои во Коментарот за остварените финансиски резултати.

Нето приходите од камата, заклучно 31-ви декември лани, изнесуваа 268.129.000 денари.

“Нето приходите од камати претставуваат основна компонента во формирање на вкупните приходи од работењето на банката. Остварените нето приходи од камати во периодот од 1.1.2019 до 31.12.2019 година изнесуваат 268,1 милиони денари и бележат пад од 1% во однос на истиот период минатата година, што главно произлегува од секторот финансиски институции и банки, како и од секторот стопанство. Планираните нето приходи од камати се остварени со 96,5% од буџетот“, стои во Коментарот за остварените финансиски резултати.

Нето приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период, како што се наведува, изнесуваат 139,4 милиони денари и се зголемени за 10,4% во однос на минатата година. Најголем придонес во генерирање на приходите од провизија има платниот промет во земјата како од секторот население, така и од секторот стопанство, како и приходите од провизии од финансиската активност – кредитирање. Нето приходите од провизии и надоместоци за услуги се остварени со 99,6% од планираните за овој период.

Фото: Pexels