ТТК оствари добивка од над 38 милиони денари минатата година

12

ttk banka

ТТК Банка минатата година ја заврши со добивка во висина од 38.129.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

“Банката во периодот од 01.01. до 31.12.2015 година оствари позитивен финансиски резултат во износ од 38,1 милиони денари и истиот е за 27% повисок во однос на остварениот финансиски резултат минатата година. Преку зголемените приходи од провизии и останатите приходи од дејноста, банката успеа да генерира повисок оперативен приход за 8,7% во однос на истиот период минатата година. На позитивниот финансиски резултат влијание има одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио во текот на годината, како и зголемената наплата на побарувањата, поради што износот на издвоените исправки на вредност на финансиски средства во однос на истиот период минатата година е намален“, се вели во Коментарот за остварените финансиски резултати на банката.

Нето приходите од камати на крајот на декември 2015 година изнесуваат 268.468.000 денари, додека истиот период во 2014 година беа на ниво од 293.188.000 денари. Тоа е пад од 8,4%, а како причина за тоа се наведува послабата кредитна динамика кај секторот стопанство во споредба со минатата година, но и како резултат од пониската наплата на претходно отпишаните побарувања по основ на камати. Планираните нето приходи од камати се остварени со 88,7%.

“Банката во наредниот период ќе биде насочена кон обезбедување стабилно и профитабилно оперативно работење. Растот на кредитната активност на банката се очекува да биде на ниво на планираниот раст на БДП, преку зголемување на уделот на работа со населението во вкупните активности на банката и задржување на фокусот за работа со мали и средни претпријатија. Потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе биде основа на деловната стратегија, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства“, се додава во Коментарот.