Турција е главен бизнис конкурент во регионот; Бугарија и БиХ, исто така, одат по нагорна линија

46

Светскиот економски форум (СЕФ) во средата (5-ти септември) го објави својот Извештај за светската конкурентност, според кој Турција е држава со најконкурентна економија во Југоисточна Европа.

Извештајот од 545 страници покрива 144 економии оваа година, вклучително и сите држави од Југоисточна Европа, освен Косово. Испитаните држави се рангираат на Индексот на светската конкурентност (ГЦИ) на СЕФ врз основа на резултатите што ги добиле за секој од 100-те показатели, групирани во 12 столбови.

Тука влегуваат институциите, инфраструктурата, макроекономското опкружување, здравственото и примарното образование, високото образование и обука, ефикасноста на пазарот на добра, ефикасноста на пазарот на работна сила, развојот на финансискиот пазар, технолошката подготвеност, големината на пазарот, бизнис софистицираноста и иновациите.

Економски раст од 8,4% во 2011 година, подобрената макроекономска стабилност и посигурниот финансиски сектор, како и олеснетиот пристап на бизнисот до финансии, беа наведени како некои од факторите што и овозможија на Турција да скокне 16 места во ГЦИ.

„Динамичниот бизнис сектор на Турција oстварува значајни добивки во ефикасноста од својот голем домашен пазар (кој се рангира на 15-тото место), и кој се карактеризира со интензивна локална конкуренција (16-то место)“, се истакнува во извештајот.

Со севкупна оценка од 4,45 од можни 7, земјата од повеќе од 70 милиони луѓе скокна на 43-тото место на глобалната табела, претекнувајќи го Кипар, со што стана најконкурентната економија во регионот.

„Резултатите од овој индекс уште еднаш покажуваат дека турската економија посетепено станува извор на инспирација за остатокот од светот додека трае финансиското превирање“, изјави за SETimes професорот Туркан Дагоглу, пратеник од владејачката Партија на правдата и развојот (АКП).

„Оваа година Турција има најниска стапка на невработеност во последнава деценија; но неопходно е ова население да се ориентира кон квалификуван човечки капитал во конкурентните сектори, како што е аеропросторот или обновливите енергии.“

Дагоглу, исто така, ја истакна потребата Турција да покаже подобри резултати во областа на здравствената инфраструктура и пристапот до здравствените капацитети за да може уште повеќе да го подобри рејтингот.

Турција беше меѓу четирите земји од Југоисточна Европа кои го подобрија својот рејтинг во овогодинешниот ГЦИ. Бугарија и Босна и Херцеговина (БиХ) се искачија за 12 места, на 62-рото, односно 88-мото, додека Молдавија се придвижи за шест места погоре, на 87-мото.

Бугарскиот министер за енергија, економија и туризам, Делјан Добрев, за софиската телевизија Нова изјави дека рејтингот е „многу важен, бидејќи ќе влее поголема доверба меѓу странските инвеститори“. Бугарија се рангираше највисоко (31-во место) на столбот на „макро-економското опкружување“ и најлошо (108-мо место) на столбот „институции“.

Србија, која се рангираше на 95-тото место, беше единствената регионална држава опфатена во овогодинешниот извештај што ја задржа својата позиција.

Според Влајко Сениќ, државен секретар во српското Министерство за финансии и економија, владата предвидува важни системски мерки за подобрување на економската ситуација во земјата.

„Ги идентификувавме петте најпроблематични области за „водење бизнис“ и ќе оствариме напредок во нив“, рече тој за SETimes.

Намалувањето на јавната администрација и поедноставувањето на процедурите за домашните и странските инвеститори, како и чекорите за доведување на буџетскиот дефицит под 4% од БДП, нов закон за надворешна размена и модернизација на даночната администрација, се некои од чекорите на агендата, рече тој.

„Укинуваме голем број различни пара-плаќања и процедури, а тоа ќе ги поедностави и намали трошоците за водење бизнис во Србија“, рече Сениќ.

Освен Грција, која падна за шест места подолу, на 96-тото место во новиот ГЦИ, Романија и Македонија паднаа за по едно место, на 78-мото, односно 80-тото место. Хрватска се придвижи на 81-вото место, што е пад од 76-тото место минатата година, додека Кипар и Албанија паднаа за 11 позиции, на 58-мото, односно 89-тото место. Црна Гора покажа најголем пад по падот за 12 места, на 72-рото место.

Македонската влада беше задоволна од резултатите, со оглед на тоа што земјата успеа да го одржи своето ниво на конкурентност дури и во време на криза. Во ГЦИ од 2011 година земјата се рангираше на 79-тото место, но оваа година Сејшелските Острови, една од двете нови економии вклучени во извештајот, се рангираа повисоко од Македонија.

„Позитивното влијание за одржување на овој тренд беше предизвикано главно од активностите и проектите предложени и водени од владата. Ако другите индикатори, кои се претежно под влијание на претпријатијата, не регистрираа ваков пад, би било реално да се надеваме на втора најконкурентна економија во регионот по Словенија“, рече Владимир Пешевски, заменик-претседател на владата за економски прашања, во однос на шесте поранешни југословенски републики.

„Но, сепак треба да бидеме задоволни со резултатите, бидејќи тие покажуваат поорганизиран пристап во подобрувањето на конкурентноста на државата.“

Флорин Циту, романски економски аналитичар и сопственик на претпријатие за консалтинг, рече дека 78-мото место на неговата земја во новиот ГЦИ „ги симболизира во една бројка сите проблеми на романската економија — корупцијата, прекумерното оданочување и слабо заштитеното право на сопственост – проблеми, исто така, сигнализирани од странските инвеститори со текот на времето и споменати во извештаите што ги подготвуваат Европската комисија или ММФ“.

„Тоа потврдува со што се соочуваме ние во реалноста“, рече тој заSETimes. „Сите овие проблеми предизвикаа регрес на Романија во врвот на конкурентноста на СЕФ во изминативе години. За жал, во Букурешт, тоа само се констатира, но не му се обрнува внимание, освен за изборни цели.“

Светла Димитрова за Southeast European Times во Софија — 07.09.12

Дописниците на SETimes Билјана Лајмановска во Скопје, Менексе Токјај во Истанбул, Пол Чикои во Букурешт и Билјана Пекушиќ во Белград, дадоа свој придонес за овој извешта

Текстот во целост е преземен од SETimes.com http://setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2012/09/07/feature-04)