Бизнис климата во Македонија е поповолна во однос на останатите држави во регионот, но потребна е поголема активност на бизнис заедницата за директни контакти. Во размената со Турција, земјава бележи огромен дефицит, кој треба да се направат напори да се избалансира. Со вакви оценки излегоа бизнисмените на македонско-турскиот бизнис форум што се одржува вчера во Скопје. Турските бизнисмени сепак забележале што на средбата присуствувале малкумина македонски бизнисмени.
„Ова е прва посета на Македонија. Бевме и во Косово. Ако зборуваме за првичен впечаток можам да кажам дека Македонија е многу понапред. Во поглед на инфраструктурата и општата слика Македонија е во многу подобра состојба, но според активноста во Косово не пречекаа околу 100 бизнисмени, а со жалење морам да кажам дека овде интересот е многу помал“, изјави Пехливан Бајкан, претседател на Регионалната трговско-индустриска комора на Карабук.
Тој во Македонија ја предводи бизнис делегацијата, кој што се смета за најважен центар за индустријата на железо и челик во Турција. Делегацијата составена претежно од бизнисмени од металната индустрија се уште е во фаза на истражување и прелиминарни испитувања, но првичните проценки се дека има можности за соработка.
„Ги разгледуваме поддршката и субвенциите од македонската држава. Има интересни области и би можело да се инвестира во областа на индустријата на железо и челик и во туризмот, но сето тоа ќе следи по посетата“, посочи Бајкан.
Можности за зголемување на извозот од Македонија во Турција, тој гледа во земјоделските и сточарските прoизводи, текстилот.
„Со оглед на тоа што во Турција невработеноста е на ниво од 8%, а во Македонија над 30%, може на некој начин овој хендикеп за Македонија да се искористи со тоа што ќе се инвестира овде, ќе се искористи работната сила и тоа ќе влијае на трговската размена“, изјави претседателот на турската регионална комора.
Љубица Нури, советник во Стопанската комора на Македонија, укажа дека е потребно да се направи многу повеќе за намалување на трговскиот дефицит со Турција, а во големата турска економија секогаш има можности за нови партнерства.
„За жал нашата трговска размена со Турција воглавно се сведува на увоз. Минатата година од 430 милиони долари вкупна трговска размена само 73 милиони беа извоз. Таа тенденција продолжува и потребно е да се направи многу повеќе таа трговска размена да се избалансира. Точно е дека во Македонија има некои значајни турски инвестиции кои на некој начин го неутрализраат овој трговски дефицит, но сепак турскиот пазар е толку голема што има простор за истражување и за создавање нови партнерства“, изјави Нури.