Туристичките потенцијали на Македонија претставени на Саем за туризам во Шведска

21

IMG_4121Македонија ги презентираше своите туристички потенцијал на саемот за туризам во Гетеборг, Шведска.
Настанот беше организиран од страна на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Амбасадата на Република Македонија во Шведска и Инвест Македонија.

Шведските љубители на патувањата и Шведските тур оператори, по долго време, повторно добија можност да ги видат убавините на нашата земја.

Македонската туристичка понуда и капацитет ги презентираа тур операторите Мак Сан Травел и Визит Македонија, а присутни беа и туристичките агенции Симониум и Фибула Травел и хотелската асоцијација ХОТАМ.

“Повеќе од задоволен сум како течеше саемот. Беа направени состаноци кои ветуваат многу со едни од најголемите и најпознати тур оператори во Шведска како Скондјет, Аполо, Фокус Травел и Травел Колекшн. Огромниот интерес за Македонската кујна е она што ме остави без текст, додека интересот за спа туризмот заедно со здравствениот и ловниот туризам се веднаш зад него. Швеѓани се многу љубопитен народ, отворен за нови предизвици и авантури”, рече Никола Костадинов, претставник од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

Амбасадорот на Република Македонија во Шведска, Кире Илиовски изјави дека саемот во Гетеборг на кој по долг временски период Македонија се претстави со брендиран штанд, ќе го зголеми интересот на светските туристи за Македонија.

“Воспоставувањето директна авио линија на релација Скопје – Стокхолм со Wizz Air и зголемувањето на субвенциите од 25 евра на 65 евра за тур оператори од скандинавските земји ќе придонесе во наредниот период Македонија да биде на туристичката мапа на скандинавските тур оператори”, рече Илиовски.

Саемот во Шведска е 12-от по ред саем за туризам на кој Македонија ја претстави својата туристичка понуда.