Фото: Pixabay
Фонтаната ди Треви е една од најголемите туристички атракции во Рим, каде што завршуваат многу фрлени парички.
Имено туристите веруваат дека ако преку рамо фрлат паричка во фонтаната, ќе се вратат во главниот град на Италија, а доколку се фрлат две ќе доживеат прекрасна романса. Инаку, легендата доаѓа од филмот од 50-тите годни на минатиот век, Три монети во фонтана.
Која и да е причината поради која туристите фрлаат парички, сепак ако се има предвид дека дневно тоа го прават неколку илјади посетители, тогаш на неделно ниво се собираат околу 15.000 долари, а на годишно и до милион.
Business Insider пишува дека во текот на 2016 година се собрани околу 1,5 милиони долари, а парите одат на адреса на хуманитарното здружение на католичката црква, Каритас, кое понатаму собраните пари ги распоредува на најзагрозените. Од овие средства во 2008 година е отворен супермаркет со пониски цени, од којшто се снабдуваат најсиромашните.
Има и други фонтани што се светски атракции, но кои “заработуваат“ далеку помалку од Фонтаната ди Треви. Така на пример, познатата фонтана кај хотелот Белаџо во Лас Вегас собира околу 12.000 долари годишно, таа во Дизниленд 18.000, додека фонтаната која му припаѓа на Меморијалниот центар 9/11 во САД собира само 3.000 долари.
Од друга страна, пак, една од најголемите фонтани во светот, Бакингемската фонтана во Чикаго, годишно заработува по 200 долари.
Фонтаната Ди Треви е изградена во 1762 година од страна на Џузепе Панини. Биле потребни три декади за да се направи, и претставува најубавата барокна фонтана во Италија. Неодамна италијанскиот моден бренд Fendi донираше околу 2,2 милиони долари за нејзина реставрација и доуредување.