Туризмот денес изгледа исто како пред 30 години

37

Падот на туризмот во целиот свет поради пандемијата со Ковид-19 може да доведе до загуби од над 4.000 милијарди американски долари во светскиот бруто домашен производ за 2020 и 2021 година, покажува извештајот на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД).

“На глобално ниво, ударот што Ковид-19 му го зададе на меѓународниот туризам само во 2020 и 2021 година носи загуба на БДП-то од над 4.000 милијарди долари,“ се наведува во извештајот доставен заедно со Светската организација на ОН за туризам (УНВТО).

Меѓународниот туризам и секторите што зависат од него во 2020 година претрпеа загуби од околу 2.400 американски долари, како резултат на директните и индиректни влијанија врз големиот пад на посетите на меѓународните туристи.

Слична загуба може да се забележи и годинава, се предупредува во извештајот, наведувајќи дека обновувањето на туризмот во голема мера ќе зависи од масовната дистрибуција на вакцините против Ковид-19 ширум светот.

“На светот му треба глобален напор за вакцинација што ќе ги заштити работниците, ќе ги ублажи социјалните штети и ќе донесе стратешки одлуки за туризмот со оглед на потенцијалните структурни промени“, изјави в.д. генералниот секретар на УНКТАД, Изабел Диран.

Стапката на вакцинација е нееднаква, така што во некои земји вакцинирано е помалку од еден процент од населението, а во други повеќе од 60 проценти, додека извештајот, исто така, наведува дека загубите во туризмот се поголеми во земјите во развој.

УНКТАД презентира и три сценарија за 2021 година, повеќе или помалку песимистички. Најоптимистичкото сценарио покажува просечно намалување за 63% на посетите на туристите.

Експертите не очекуваат дека секторот пред 2023 година или можеби и подоцна ќе може да се врати на вообичаеното ниво, а главните пречки се ограничувањата на патувањата, бавното искоренување на коронавирусот, малата доверба на патниците и неповолното економско опкружување.

Во 2020 година за 74% е намален бројот на туристите во споредба со 2019 година, а почетокот на 2021 година беше уште полош за повеќето дестинации со просечен пад од 88% во споредба со периодот пред пандемијата.

Најтешко погодени се североисточна Азија, југоисточна Азија, Океанија, Северна Африка и Јужна Азија. Најмалку погодени се Северна Америка, Западна Европа и Карибите.

“Меѓународниот туризам денес изгледа како туризмот од пред 30 години. Како да сме во 80-тите години на минатиот век кога станува збор за протокот на туристи“, вели Зорица Урошевиќ од Агенцијата за туризам на ОН.

Фото: Pixabay