Турски бизнисмени заинтересирани за основање авио компанија што би оперирала од охридскиот аеродром

30

Група турски бизнисмени пројавила интерес за основање авиокомпанија што би оперирала од охридскиот аеродром Свети Апостол Павле и би функционирала како национален авиопревозник, јавува Миа.

Претставници на групата заедно со маркетинг директорот на ТАВ Серкан Карахатај имале средба со градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески на која го информирале за нивната намера, со појаснувања дека охридскиот аеродром би бил базна станица за авиокомпанија, како и со плановите да бидат воспоставени директни авионски врски од Охрид кон Истанбул, Лондон, Салцбург и повеќе градови во Италија.

Притоа, тие биле заинтересирани и за евентуална поддршка од општината и државата во остварувањето на бизнис намерите, преку субвенционирање на предвидените авио летови што на почетокот би биле реализирани со помал број патници.

На потенцијалните инвеститори од Турција им било укажано да достават бизнис план и писмо од интерес до општинските власти, додека од страна на Бакрачески добиле уверување дека ќе бидат разгледани сите можности за субвенционирање на новиот авио оператор, евентуално со поддршка на Владата или по пат на некаков регионален проект во кои би се вклучиле и соседните општини.