Турски компании заинтересирани за инвестирање во Македонија

21

macedoniaТурски и меѓународни компании кои работат во индустриската зона Кочаели, во Турција, ќе ја посетат Македонија, со цел да ги запознаат условите за инвестирање во државава.

Посетата е договорена по средбата на министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески со компании во индустриската зона Кочаели. Во зоната се лоцирани околу 4.000 компании, од кои 250 се познати светски брендови.

Од Кабинетот на министерот соопштуваат дека Павлески ги претстави можностите за инвестирање во Македонија и на 16-от Евроазиски економски самит, кој се одржува во Истанбул, Турција, како главен излагач на економскиот панел во обраќањето пред повеќе од 500 компании.

“Македонија како мала земја со растечка економија, која се наоѓа на крстосницата во Југоисточна Европа, претставува идеален производствен и дистрибутивен центар до европските пазари”, порача министерот за странски инвестиции.

Тој исто така додаде дека ваквите можности произлегуваат од конкурентните производствени трошоци и атрактивноста на даночниот систем што ги нуди Македонија, како и потпишаните договори за слободна трговија кои на интернационалните компании им овозможуваат влез на пазар од повеќе од 650 милиони луѓе.

Евроазискиот економски самит, кој е во организација на Фондацијата Мармара, се одржува традиционално секоја година. Тој е одлична можност да се разговара на актуелни теми од областа на економијата, енергетиката, информатичката технологија, образованието и здравствената заштита, како и да се откријат нови можности за соработка на земјите во регионот, но и да се сретнат нови потенцијални инвеститори.

Како што беше истакнато од Кабинетот на Павлески, министерот оствари средби со повеќе турски компании со кои веќе се водат преговори за влез на македонскиот пазар, како и со компаниите кои веќе донесоа одлука да инвестираат во нашата земја.