Твитерџиите му одговорија – Дали Маск ќе ги послуша и ќе продаде дел од акциите во Tesla?

64

Гласачите на Твитер го повикаа Илон Маск да продаде 10% од своите акции во Тесла со цел да плати данок. Повеќе од 3,5 милиони корисници на Твитер учествуваа во анкетата организирана од самиот Маск и 58% од нив се изјаснија за продажба на акциите, чија вредност се проценува на 21 милијарда долари.

Еден од најбогатите луѓе на светот претходно вети дека ќе ги почитува резултатите од гласањето, како одговор на “милијардерскиот данок“, предложен од американските демократи. Тој засега не го коментирал исходот на гласањето, ниту како и кога би ги продал акциите. Ако го оствари ветувањето, тој ќе добие и огромна сметка за данок.

Во саботата, Маск кажа дека нема земено плата и бонуси од ниедна своја компанија, што значи дека нема приходи за кои мора да плати данок. Сепак, тој има добиено милијарди долари преку пакети за компензација кои се поврзани со остварувањето на целите на компанијата и вредноста на акциите.

Со своите акции во другите негови компании, особено во SpaceX, Илон Маск е теоретски најбогатиот човек во светот со 338 милијарди долари, според проценката на Bloomberg.