Twitter воведува долги објави, но тоа не е единствената новост

9
Twitter тестира нова опција која им овозможува на корисниците да споделуваат „белешки“ до 2.500 зборови.

Компанијата вели дека овој потег е одговор на луѓето кои користат фотографии за да објавуваат долги објави и најави за настани или да ги насочуваат следбениците кон офлајн врски. Тековното ограничување за објавување е 280 знаци.

Тестот ќе трае два месеци и ќе опфати мала група корисници од Канада, Гана, Обединетото Кралство и САД.

Новата функција има за цел да ја задржи публиката во екосистемот на Twitter, каде што читателите можат да го видат насловот и да пристапат до подолга белешка со кликнување на објавата.

„Откако постои платформата, корисници ја споделуваа својата работа на Twitter, се промовираа себеси, ја подигнаа читаноста и иницираа дискусии – сè освен вистинско пишување“, се вели во соопштението на компанијата за опцијата „Notes“. „Со белешките, целта е да се пополни делот што недостасува“.

Овој потег дојде откако Twitter го купи холандскиот стартап Revue минатата година.

Во средата беше кажано дека Revue станува Notes и дека покрај долгите најави ќе овозможи додавање на гифови и фотографии. Ќе има и можност за промена на објавата откако ќе биде објавена.

Д-р Лаура Тугуд, експерт за социјални медиуми, изјави за Би-Би-Си дека ова е значаен чекор за Twitter. Таа смета дека оваа функција ќе ги поттикне луѓето да бидат поангажирани на интернет.

„Новата опција значи дека Twitter ќе биде во позиција да се натпреварува со платформите за блогирање и потенцијално да привлече нова публика“, објаснува тaa. „Исто така, ќе ги поттикне постоечките корисници да блогираат на Twitter, наместо тоа да го прават на други сајтови, што ќе ја задржи публиката на платформата“.

Во 2017 година, Twitter овозможи подолги објави и го зголеми бројот на знаци од 140 на 280.

Последниот потег доаѓа во време на преглед на бизнис перспективите на Twitter по обидот за продажба на Елон Маск. Компанијата објави во април дека работи на копче за уредување, набргу откако Маск – кој бараше таква функција – откри дека купил голем удел во компанијата. Сепак, Twitter наведува дека овие настани не се поврзани.

Маск, исто така, рече дека гледа потенцијал во системот за претплата во кој владите и компаниите би платиле за да ја користат платформата.

Д-р Ники Ашер, професор по новинарство на Универзитетот во Илиноис, вели дека е тешко да се знае дали Twitter пробува нови формати за профитабилност или од вистинска желба да ја подобри платформата.

„Во овој случај, една од работите што ги знаеме со сигурност е дека луѓето не сакаат да читаат долги текстови на интернет“, изјави таа за Би-Би-Си.