Загрепската полиција, вчера попладне го уапси градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ и уште 18 лица поради сомневање за сторени повеќе коруптивни казнени дела на штета на градот. На страната на хрватското министерство за внатрешни работи, без да се наведат имиња, во соопштение за јавноста стои дека по повеќемесечено сложено криминалистичко истражување поврзано со незаконско постапување во Град Загреб и Загрепски холдинг, уапсени се повеќе лица. Казнена пријава поради основано сомнение за сторени поголем број коруптивни казнени дела, злоупотреба на положбата и овластувањето и тргување со влијанието, ќе биде поднесена до Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК).
Хрватските медиуми пишуваат дека покрај Бандиќ, уапсени се и Петар Припуз, косопственик на компанијата CIOS (компанија за собирање и преработка на индустриски отпад), претседателот на управата на Загрепски холдинг, Слободан Љубичиќ, како и директорот на ЗЕТ (Загрепски електричен трамвај), Иван Толиќ. Еден од 19-те осомничени е уапсен на границата со Словенија.
Неофицијално, според Јутарњи лист, главната мета на полициската истрага е поврзана со активности околу згрижување на отпад, односно договор на градот со фирми во сопственост на Припуз, во вредност од скоро еден милион евра.