Ученици на меѓународното училиште НОВА донираа книги и слики на случајни минувачи

57

Humanitarna proshetka na uchenicite na NOVA 3

Голем број Скопјани кои во саботата (21 ноември) се разминаа низ градските улици со учениците од меѓународното училиште НОВА, добија бесплатна книга, слика, цвеќе, колаче или искрена прегратка. Ширејќи оптимизам и позитивни пораки, околу 40 средношколци беа дел од хуманитарната акција насловена Thinking Humanity Walk која се одржа по четврти пат.

“Не мора да се вложат огромни средства за да се направи хумано дело. Оваа прошетка пополека прерасна во наша традиционална активност и сите подароци кои учениците им ги даваат на минувачите се симболични и се собрани преку донации. Но секоја година настанот е сè поголем и се надеваме дека тој раст ќе продолжи и во иднина. Воедно сме презадоволни и од резултатите кои ги мериме во позитивна енергија и преубави коментари“, велат од НОВА.

Носејќи подароци за секој човек кого ќе го сретнат, тие ја почнаа прошетката пред НОВА и ја завршија во центарот на градот. Воедно овој настан годинава ја доби и наградата “Вложување во заедницата“ на конкурсот за најдобри општествено одговорни практики во Македонија кој е во организација на Министерството за економија.

Концептот зад Thinking Humanity Walk е дека малите гестови на добрина значат многу и секој од нас е алка во овој синџир и може да донесе промена. Учесниците на хуманитарната прошетка на повеќе места залепија и инспиративни пораки и цитати со цел да им го разведрат денот на сите кои ќе минат низ овие скопски улици.

Во ова меѓународно училиште во текот на годината се одржуваат голем број на добротворни настани и акции како што се: традиционалниот семеен базар во кој собраните приходи се насочуваат за различни цели, соработката со хуманитарната организација Habitat for Humanity и многу други.