Учесниците на Виз Ер Скопски Маратон ќе ја добијат трката

18

IMG_3111

Организаторот на Виз Ер Скопски Маратон донесе конечна одлука околу начините на коишто ќе им се оддолжи на учесниците и партнерите, волонтерите и сите љубители на оваа манифестација. Првата донесена одлука вели дека, доколку се обезбедат сите услови потребни за организација на настан од ваков тип, ќе се одржи ревијална трка на 5 километри, предвидена за 20-ти септември и истата ќе биде отворена без надомест за сите учесници на маратонот, полумаратонот, штафетната трка како и за оние кои планираа да ги освојат 5-те километри низ Скопските улици на 10-ти мај оваа година.

Сите регистрирани маратонци, полумаратонци, како и оние кои планираа да бидат дел од штафетната трка на овогодинешниот Виз Ер Скопски Маратон, во некоја од следните три години ќе можат да одберат кога и која трка ќе ја трчаат без котизација. Ќе може да се одбере помеѓу маратон, полумаратон и штафетната трка.

Уште една новина е соработката со RunCzech, кои се организатори на 7 трки во Чешка, меѓу кои и познатиот Прашки маратон, кој на сите пријавени на овогодишниот Виз Ер Скопски Маратон во категоријата маратон, полумаратон или штафетен маратон ќе им овозможи бесплатно учество на некоја од трките на RunCzech, кои ќе се одржат до крајот на оваа година. Идеална можност за сите заинтересирани би била полумаратонската трка во Усти над Лабем, каде што Run Czech и Виз Ер Скопски маратон ќе организираат специјална програма на денот на трката.

Организацискиот одбор на Виз Ер Скопски Маратон одлучи големите количества на храна кои беа обезбедени за натпреварувачите и волонтерите од компаниите Атлантик и Виталија, да ги донираат во хуманитарни цели, и тоа во: Армијата на РМ, Прифатилиштето за азиланти, Домот за рехабилитација за деца со попреченост во развој, Домот за воспитно запуштени деца 25-ти мај, Центар за демократски развој и иницијативи и Дневниот центар за деца од улица.