УЈП: До 15 март половина милион граѓани треба да поднесат годишна даночна пријава

26

ujpФото: Управа за јавни приходи

Физичките лица кои во текот на 2017 година оствариле дополнителни приходи, покрај плата и пензија, треба до 15 март да поднесат Годишна даночна пријава (ГДП) до Управата за јавни приходи. Од следната година ќе добиваат пополнета даночна пријава и не треба да поднесуваат ГДП како годинава, но за таа цел во текот на оваа година треба да се регистрираат во електронскиот систем на УЈП за персонален данок на доход, јавува МИА.

Од УЈП апелираат до граѓаните и навреме да ја поднесат ГДП годинава за да не се создаваат гужви во последните денови, но и да се регистрираат во електронскиот систем за да може следната година да се одвива целиот процес без проблеми кога УЈП ќе треба да ги испрати пополнетите годишни даночни пријави, бидејќи бројот на лица кои поднесуваат годишна даночна пријава изнесува околу половина милион.

Лани се поднесени 439.685 годишни даночни пријави, а и годинава се очекува толкава бројка. Досега за остварени приходи во минатата година имаат поднесено 2.300 лица во хартиена форма и поднесени се 120 електронски годишни даночни пријави.

Од УЈП исто така апелираат да почне и регистрацијата на електронскиот систем според новиот законски прописи, бидејќи првите пресметки треба да се поднесат до 10 февруари.

Регистрирацијата се врши во системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk заради пријавување на приходите и задолжително поднесување на Електронска пресметка (е-ППД) до Управата за јавни приходи. Единствен услов за регистрација на системот е оној што се регистрира да има валидна е-пошта, која ќе биде корисничко име за најава на системот и ќе служи за комуникација со Управата за јавни приходи.

Врз основа на внесените податоци, автоматски се генерира Барањето за регистрација на системот е-Персонален данок, кое треба да се  испечати и да се поднесе лично во надлежната даночна канцеларија на УЈП. Службено лице од УЈП ќе ја верифицира  регистрацијата на системот е-Персонален данок истиот ден, по што треба да се најавите на системот.

Досега се поднесени 32.496 електронски пресметки за коишто целосно се генерирани налози за 17.828 и во фаза на потпишување се 3.301.