УЈП: До 25 јануари поднесување годишни даночни извештаи и издавање збирни пресметки за исплатени приходи

24

ujp

Фирмите и работодавачите како исплатители на приходи имаат обврска најдоцна до 25-ти јануари на сите физички лица на кои во текот на изминатата година вршеле исплати на приходи, да им издадат Збирна пресметка за исплатените приходи, платениот персонален данок и придонеси за 2016 година, стои во соопштението на Управата за јавни приходи (УЈП).

Издавањето на збирна пресметка, како што велат од УЈП, е законска обврска на исплатувачот на приходот, врз основа на која граѓанинот ќе може точно и навремено да ги пријави приходите во Годишната даночна пријава.

Податоците во Збирната пресметка треба да бидат искажани во согласност со бараните податоци во Годишната даночна пријава, односно Законот за персонален данок.

Доколку до 25 јануари, економските субјекти на граѓанинот не му издадат збирна пресметка за 2016 година, законот предвидува глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност, а за направениот прекршок на одговорното лице во даночниот обврзник, ќе му биде изречена глоба во износ од 30% од одмерената глоба за даночниот обврзник.

УЈП потсетува дека до 31-ви јануари е рокот за поднесување Годишни извештаи за платени приходи на физички лица и други годишни извештаи за 2016 година.

Фирмите – исплатувачи за изминатата 2016 година имаат обврска најдоцна до 31 јануари 2017 година задолжително по електронски пат да поднесат: годишен извештај за извршените исплати на граѓани за 2016 година по однос на откуп на земјоделски производи; годишен извештај за извршениот откуп на корисен цврст отпад од физички лица кои не се трговци поединци во 2016 година; годишен извештај што го поднесуваат организаторите на зелен пазар на којшто се врши трговија на големо и мало; годишен извештај за извршените исплати на приходи на физички лица во 2016 година, по основ на: лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права, добивки од општи игри на среќа и други приходи за коишто аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка.