УЈП: До утре издавање збирна пресметка за исплатени приходи во 2014 година

26

ujp

Најдоцна до утре, 15-ти јануари, треба да се издаде збирна пресметка за исплатени приходи, платен персонален данок и придонеси во 2014 година. Оваа пресметка треба да ја издаде секое лице што вршело исплата на приходи на кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, инфомираат од Управата за јавни приходи.

Издавањето на збирна пресметка, како што се навеедува, е законска обврска на исплатувачот на приходот врз основа на која граѓанинот, како обврзник на персоналниот данок на доход ќе може точно и навремено да ги пријави приходите во Годишната даночна пријава.

До 31 јануари, пак, треба да се поднесат и годишните извештаи за персонален данод на доход од лицата кои лани исплатиле приходи на физички лица/граѓани по основ на лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права (закупнини), добивки од општи игри на среќа и други приходи за кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка.

Обврска за годишни извештаи имаат и оние што извршиле исплати на граѓани по основ на откуп на земјоделски производи (образец ПДД-ГИ/ОЗП), оние што вршеле откуп на корисен цврст отпад од физички лица кои не се трговци поединци (образец ПДД-ГИ/ОЦО), како и организаторите на зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало.

Во ПДД-ГИ/ОЗП се пријавуваат податоци за физичките лица од кои се откупени земјоделски производи, шифра на дејност од НКД според дејноста која ја обавува физичкото лице и износот на исплатениот приход, а во ПДД-ГИ/ОЦО се пријавуваат бруто-приходите на обврзниците, платениот персонален данок на доход, како и вкупно исплатените нето-приходи во изминатата година.

Организаторите на зелен пазар треба да пријават кој ги користел продажните места на зелениот пазар минатата година.

Годишен извештај немаат обврска да поднесат исплатувачите кои вршат исплата на приходи од добивки од посебни игри на среќа (во казино, обложувалница и автомат клуб).

Годишните извештаи задолжително се поднесуваат по електронски пат преку http://etax.ujp.gov.mk преку соодветна форма за внес на податоци во е-Даноци или со импортирање на претходно подготвени податоци во соодветен .xml формат, предефиниран и поставен на е-Даноци.