УЈП: Лани највисоката бруто плата во Македонија изнесуваше 2,7 милиони евра

22

ujp

Највисоката исплатена бруто плата во Македонија лани достигна вредност од 167.786.446 денари или 2,7 милиони евра, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи. Оваа плата е исплатена во приватното здравство, додека највисокиот бонус од работен однос на годишно ниво е 416.000 евра, јавува Миа.

Граѓанин од Скопје минатата година пријавил највисок годишен приход од 255 милиони денари. Највисоката остварена капитална добивка во 2016 година изнесувала 82,8 милиони денари, а досега највисока таква добивка е пријавена во 2008 година и изнесувала 908.995.813 денари. Од повремено вршење услуги жител на Велес заработил 58,3 милиони денари, додека граѓанин од Скопје пријавил заработка од 109,1 милион денари од дивиденди и други приходи остварени од учеството во добивката.

Пензионери од Скопје и од Струмица пријавиле најголема заработувачка во 2016 година кои освен пензијата оствариле приходи и по други основи. Прворангиран е пензионер од Струмица кој пријавил 41,8 милиони денари вкупен годишен бруто приход по сите основи вклучувајќи ја и пензијата. Највисок годишен бруто приход само по основ на пензија лани е пријавен во Скопје  во износ од 1.838.837 денари или 30.000 евра.

Прворангиран според вкупно остварени приходи од имот и имотни права во коишто спаѓаат издавање земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид имот, во 2016 година е обврзник од Тетово кој пријавил 65,5 милиони денари. Највисок вкупен бруто приход од 17,3 милиони денари од авторски права и права од индустриска сопственост пријавил обврзник од Скопје. Од милион до 27 милиони денари се износите што ги пријавувале граѓаните од добивки од Лото, обложување, казино и учество во наградни игри, при што највисока добивка односно вкупен бруто приход од игри на среќа остварил жител на Скопје кој само по тој основ пријавил 27,5 милиони денари.