УЈП на Годишна координација и управувачки комитет за програмата за даночни администрации

43

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската комисија и Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), одржаа Годишна координација и управувачки комитет на којшто се дискутираше за капацитетите на развојната програма на даночната администрација финансирана од ЕУ и SECO, како и за реформите за управување со јавните финансии во Југоисточна Европа спроведени од страна на ММФ во шест земји од Западен Балкан, стои во соопштението на Управата за јавни приходи (УЈП).

На состанокот, претставниците на ММФ, ЕК и SECO се сретнаа со високи функционери од Министерствата за финансии и даночните администрации (меѓу кои и неколку генерални директори) од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија и разговараа за досегашните достигнувања, насоката на програмата, како и за работен план за наредните години.

Учесниците дискутираа за реформските приоритети презентирани на состанокот од страна на претставниците на земјите, согласно нивните економски и реформски програми за зајакнување на јавниот финансиски сектор и даночната администрација.

Претставниците на Управата за јавни приходи на Република Северна Македонија на состанокот го презентираа проектот Претпополнета Годишна даночна пријава (ГДП), којшто значително ги поедностави процедурите за пресметување и електронско пријавување на персоналниот данок на доход и овозможи поквалитетни податоци за донесување на одлуки и многу други придобивки. Неодамнешните реформи коишто се спроведени со поддршка на ММФ, ставија акцент на управувањето со проектите и промените, вклучувајќи и соодветно планирање на работна сила. Мотото кое претставниците на Управата за јавни приходи го споделија на состанокот е Промената е во сите нас, но потребно е да избереме: Овој ден или некој ден!

Претставниците на министерството за финансии на состанокот зборуваа за водечките реформи во јавниот сектор и ги нагласија напорите на министерството за подобрување на транспарентноста на јавниот сектор остварени преку легислатива, воспоставување на фискални правила и фискален совет, како и за други спроведени, но и реформи коишто се во план да се реализираат.