УЈП: Најчести причини поради некои граѓани не добија поврат на ДДВ

152

Управата за јавни приходи (УЈП) известува дека ја заокружи исплатата на повратот на дел од ДДВ искажан во фискалните сметки на физичките лица, за второто тримесечје.

Во април, мај и јуни 2020 година, 304.472 лица скенирале 41.650.814 фискални сметки со што е остварен промет од над 21,4 милијарди денари, информира УЈП.

За ова тримесечје исплатен е поврат од 268.763.538 денари на 236.493 лица кои скенирале фискални сметки и кои имаат наведено точни податоци во Апликацијата МојДДВ.

За корисниците на апликацијата кои имаа наведено трансакциска сметка од Еуростандард Банка исплатата на повратот беше стопирана, истата ќе се изврши откако ќе ги ажурираат податоците односно ќе наведат трансакциска сметка од друга банка.

Управата за јавни приходи апелира и до сите граѓаните корисници на аплкацијата МојДДВ да внесат точни податоци како би се извршила исплатата на повратот на дел од ДДВ искажан во фискалната сметка.

Најчести причини поради кои не е извршена исплатата се: погрешно внесена трансакциска сметка, внесена трансакциска сметка на друго лице, а не на корисникот на апликацијата или е внесен бројот на платежната картичка наместо број на трансакциска сметка, информираат од УЈП.