УЈП: Најголемиот приход 242 милиони, највисоката плата 63 милиони денари

41

denariНајвисок приход во Управата за јавни приходи за 2012 година пријавил скопјанец во износ 242.186.497 денари, а највисоката бруто плата изнесувала 63.039.671 денари во секторот здравствени услуги.

Ова денеска го соопшти директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски, кој истакна дека 174.181 граѓани доброволно поднеле Годишна даночна пријава, а 60.000 граѓани оствариле дополнителни приходи во 2012 и не поднеле ГДП. За оние кои не поднеле Годишна даночна пријава е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.

Според остварените бруто приходи во Годишните даночни пријави во 2012 година, со над милион денари се 13.793 граѓани, меѓу 100.000 и милион денари се 165.174, од 10.001 до 100.000 денари се 38.166 даночни обврзници и до 10.000 денари се 17.098 обврзници.

На листата на остварени највисоки годишни приходи меѓу првите десет, девет се од Скопје и еден од Тетово. Во делот на платата, меѓу првите 10, исто така, девет се од Скопје, а еден од Валандово. Годинава првите десет највисоки плати не се во банкарскиот и телекомуникацискиот сектор и првпат се јавуваат адвокатските услуги. Освен во здравствените услуги, пријавените плати се во трговија и производство на фармацевтски производи и препарати, компјутерско програмирање, техничко советување и печатарски услуги.

Највисоката капитална добивка од 49,9 милиони денари е пријавена од жител во Гостивар, од повремено вршење услуги жител на Пробиштип заработил 28,9 милиони денари, а од дивиденди и други приходи од учество во добивка менаџер од Скопје пријавил 238,7 милиони денари.

Од имот и имотни права прв на листата е жител на Тетово со пријавени 46,9 милиони денари, а на листата на приходи од авторски права и индустриска сопственост прв е скопјанец со 33,2 милиони денари. Од лото, обложување, казино и учество во наградни игри најмногу остварил жител на Свети Николе со 16,9 милиони денари. Пензионер од Скопје пријавил 35,7 милиони денари годишен приход надвор од пензијата.