УЈП: Насоки за доставување евиденции на фактури како прилог на ДДВ – 04 пријава

36

ujp

Управата за јавни приходи (УЈП) ги известува ДДВ обврзниците и сметководителите дека за определена група на ДДВ обврзници се доставени барања за информации заради утврдување на веродостојноста на податоците искажани во поединечните полиња на даночната пријава ДДВ – 04.

Во доставеното Барање беше укажано за даночниот период 01/12 – 31/12/2016 година, односно даночниот период 01/10-31/12/2016 година, обврзниците со доставувањето на даночната пријава ДДВ – 04, да достават и евиденција на излезните фактури за оданочив промет и долгуван данок согласно член 55 став 1 и 2 од Законот за данокот на додадена вредност, како и евиденција на влезните фактури со претходен данок којшто може да се одбие и на исправките на даночната основа и на одбитоците на претходниот данок, за соодветниот даночен период.

Во случај ДДВ обврзникот да добие вакво Барање од УЈП, податоците треба да ги достави во Табеларниот преглед којшто е доставен од страна на УЈП. Пополнетиот Табеларен преглед се доставува како прилог (аttachment) кон даночната пријава ДДВ – 04 за соодветниот даночен период, преку системот е -Даноци https://etax-fl.ujp.gov.mk.

Даночните обврзници избрани како целна група и до кој е доставено барање од УЈП, при пополнување на Табеларниот преглед, потребно е:

• Да ги достават податоци само за излезни фактури за жирално плаќање, а не и готовински промет, и тоа само фактури за оданочив промет , како и влезни фактури од кои произлегува претходен данок со право на одбивка, без оглед на начинот на плаќање, како и исправка на даночната основа и на одбитоците на претходниот данок.

• Доколку ДДВ обврзниците издаваат фактури на физички лица, во Табеларниот преглед во полето ЕДБ треба да го внесуваат ЕМБГ на физичкото лице.

• Во делот на техничките барања што треба да се исполнат за Табеларниот преглед да биде прикачен заедно со ДДВ – 04 пријавата, по пополнувањето на ДДВ пријавата истата треба да биде сочувана како привремена. Потоа во делот на прилозите да се прикачи како прилог (attachment) Табелата – ДДВ Евиденции, при што екстензијата на екселот наместо .xlsx треба да биде .xls.

• Големината на фајлот Табела – ДДВ Евиденции не треба да надминува 2MB. По прикачувањето на прилогот Табела – ДДВ Евиденции, ДДВ – 04 пријавата треба да биде сочувана како завршена и како таква да се испрати до УЈП.

ДДВ обврзниците до кои е доставено барање од УЈП, ако достават пријава ДДВ -04 без Табеларниот преглед, истата ќе биде примена и обработена, но согласно член 179-б од Законот за даночна постапка заради недоставување на бараните податоци е пропишано изрекување на глоба.