УЈП нема да доставува решенија за РДТ од октомври

17

ujp

Согласно законските измени со коишто се укинува радиодифузната такса (РДТ), Управата за јавни приходи (УЈП) ќе прекине со достава на решенија за утврдување на оваа јавна давачка.

“Согласно Законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Службен весник на РМ бр.132 од 20.09.2017 година), со којшто се укинува радиодифузната такса, ја информираме јавноста дека со доставата на Решенијата за месец септември 2017 година, Управата за јавни приходи ќе прекине со достава на Решенија за утврдување на оваа јавна давачка“, стои во соопштението.

Граѓаните и фирмите (обврзниците за РДТ) имаат обврска да извршат плаќање на сите заостанати долгови по решенија за РДТ за периодот јануари 2011 година заклучно со септември 2017 година.

За сите специфични случаи, а со цел уредно затворање на финансиските картици коишто УЈП ги води за обврзниците на РДТ (граѓани и фирми), како што се наведува, ќе бидат објавени дополнителни информации на веб страницата на УЈП.