УЈП очекува дополнителни приходи од 200.000 граѓани

43

ujp Управата за јавни приходи очекува 200.000 граѓани да поднесат годишни даночни пријави во кои треба да ги пријават приходите кои дополнително ги оствариле во текот на 2013 година. Крајниот рок за доставување на пријавите е 15 март 2014 година.
“Минатата година беа поднесени 174.181 годишна даночна пријава, а годинава очекуваме таа бројка да биде до 200.000 пријави”, рече Весна Новаковиќ од УЈП.
Таа додаде дека досега се пристигнати околу 23.565 годишни даночни пријави од кои 120 се испратени електронски. На системот е-даноци веќе се регистрирани 10.600 корисници кои може да ја поднесат електронски својата годишна даночна пријава.
Пријава поднесува секој кој во 2013 година остварил приход покрај плата и пензија, по основ на награди, бонуси и други надоместоци на плата, кирии, авторски права и права од индустриска сопственост, договор на дело, дивиденди, учестсво во добивката и камати по заеми дадени на физички и правни лица, игри на среќа и наградни игри и капитални добивки од продажба на учество во капитал и недвижен имот
Пријавата се доставува во регионалните центри на УЈП во местото на живеење или за оние кои се во Скопје во Контакт центарот на УЈП, преку пошта и електронски.
Пријавата може да се симне од веб страницата на УЈП, а доколку има потреба околу пополнувањето може да се обратат даночните обврзници на бесплатниот телефон 198 во УЈП.
За ненавремено или неподнесување Годишна даночна пријава се изрекува глоба од 500 до 1000 евра во денарска противвредност.