УЈП: Онлајн обуки за компании за користење на антикризните мерки

71

Управата за јавни приходи (УЈП) заедно со Стопанската комора на Македонија, врши онлајн обуки на компаниите за антикризните мерки што ги донесе Владата.

Раководителката на Секторот за регистрација и утврдување на даноци во Управата за јавни приходи, Ивана Дончевска на компаниите им ја објасни постапката за поднесување на Барање за финансиска поддршка заради исплата на плати за месеците април и мај 2020 година (образец БФП-ИП), условите за остварување на правото на финансиска поддршка од страна на работодавачите, начинот на аплицирање за користење на мерката, правата и обврските на работодавачите за времетраење на мерката, како и правата и обврските на работодавачите по завршување на користењето на мерката за финансиска помош согласно Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID – 19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година.

Ваква обука промотивно се одржа на 28 април 2020 година каде претставници од УЈП на компаниите ги презентираа одредбите од Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност кои се однесуваат на електронската фактура, ослободување од ДДВ за донации каде се јавуваат буџетски корисници, како и за продолжување на роковите за поднесување на ДДВ пријавите и плаќање на ДДВ. Објаснети беа и начинот и постапката на поднесување на Барања за ослободување од плаќање на износот на аконтации за данокот на добивка.

Онлајн обуки се дел од обуките што ги спроведува Стопанската комора на Македонија за компаниите, со цел тие полесно, поефикасно и соодветно да ги искористат владините мерки за поддршка, а Управата за јавни приходи секогаш отворено ги прифаќа поканите за сите обуки, семинари и работилници поттикнати од Стопанските комори, а се со цел да им се излезе во пресрет на компаниите.

Фото: Pixabay