УЈП организира еднодневни обуки за пријавување и оданочување приходи од закуп

18

ujp

Управата за јавни приходи (УЈП) од 25-ти овој месец почнува со реализација на едукативни програми наменети за граѓани на тема: Пријавување и оданочување на приходи остварени од издавање под закуп на движен и недвижен имот.

Со обуките, коишто ќе се спроведуваат во период од еден месец, се предвидени 46 работни средби со граѓаните од 36 општини низ Македонија. Првите работни средби ќе се реализираат во Куманово, Градско и Богданци.

“Ги повикуваме сите заинтересирани граѓани да се пријават и да ги посетат обуките. На еднодневното советување, посетителите ќе имаат можност да се стекнат со знаења и практични примери за начинот на пријавување и оданочување на остварените приходи и даночни поволности“, соопштуваат од УЈП.

Обуките се спроведуваат во рамки на Планот за управување со усогласеност на УЈП, со којшто се таргетира издавањето под закуп на движен и недвижен имот, а со цел зголемување на свеста и едуцираноста на даночните обврзници за нивните права и обврски.

Обуките ќе се одвиваат во период од 25-ти октомври до 28-ми ноември оваа година. Истите ќе бидат во градовите: Куманово, Градско, Богданци, Штип, Чашка, Скопје, Берово, Кратово, Дебар, Пехчево, Гевгелија, Македонски Брод, Крушево, Македонска Каменица, Кичево, Прилеп, Радовиш, Велес, Делчево, Стар Дојран, Битола, Охрид, Ресен, Кочани, Струга, Гостивар, Неготино, Демир Хисар, Свети Николе, Пробиштип, Тетово, Кавадарци, Струмица, Крива Паланка, Валандово и Виница.

На обуките може да учествуваат сите физички лица, кои ќе се регистрираат најдоцна два дена пред почетокот на обуката.