УЈП: Плаќање данок на личен доход за граѓаните кои остваруваат приходи во странство

25

Согласно одредбите на Законот за данок на личен доход, секое физичко лице кое е резидент на Република Македонија е обврзник на данокот на доход, за доходот што го остварува во земјата и во странство, информираат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Резидент во смисла на овој закон е секое физичко лице кое на територијата на Република Македонија има постојано живеалиште или престојувалиште. Резидентот има престојувалиште ако на територијата на Републиката престојува непрекинато или со прекини 183 дена или повеќе во било кој 12-месечен период.

За доходот остварен во странство секое физичко лице резидент на Република Македонија, има обврска да поднесе пресметка на аконтација на данок и докази до органот за јавни приходи, најдоцна до 10-ти во месецот за остварениот доход во претходниот месец.

За доходот остварен по основ на плата и пензија во странство, за кој е платен данок во странската држава, обврзникот е должен да поднесе пресметка на аконтација на данок и докази за платениот данок до органот за јавни приходи, најдоцна до 31-ви март во годината што следи, за годината во која е остварен доходот.

Физичките лица кои не се резиденти на Република Македонија, немаат обврска да поднесуваат електронска пресметка за остварениот доход во странство.